Македонија Бектеши: До крајот на април одлука за снабдувачот на домаќинствата со струја

Бектеши: До крајот на април одлука за снабдувачот на домаќинствата со струја

Одговарајќи на прашање за испорачаните превисоки сметки од актуелниот снабдувач, тој порача дека граѓаните може да поднесат жалби во РКЕ

Фото: Исечок од јутјуб-преносот на прес-конференцијата во Владата, 26 декември 2022

До крајот на април треба да се донесе одлуката кој ќе биде новиот универзален снабдувач со струја (што ги опфаќа домаќинствата) и потоа одлуката ќе биде доставена до Владата, информираше министерот за економија Крешник Бектеши денеска, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за субвенциите за набавка на инвертер-климатизери.

„За универзалниот снабдувач се добиени три понуди, постапката е во тек, комисијата работи и има рок да донесе соодветна одлука до крајот на април за да и предложи на Владата. Граѓаните секако дека ќе имаат универзален снабдувач во предвидениот рок“, рече Бектеши.

Тој вели оти не очекува повисоки цени на струјата од 1 јули годинава, кога избраниот универзален снабдувач со струја ќе почне да ја врши функцијата.

Одговарајќи на прашање за испорачаните превисоки сметки од актуелниот снабдувач, тој порача дека граѓаните може да поднесат жалби во РКЕ.

„Ако сметаат дека има некоја грешка или злоупотреба граѓаните секогаш имаат право на жалба до РКЕ“, наведе Бектеши.