Свет Балкан Бегалците се повлекоа од автопатот Солун – Евзони

Бегалците се повлекоа од автопатот Солун – Евзони

Автопатот Евзони – Солун е слободен за протек на возила. Стотината бегалци што изутринава го блокираа патот со барање да се отворат границите за да продолжат кон Европа, се повлекоа од блокадата.

Набргу потоа полицијата го отвори патот за возила и сега слободно може да се патува и кон Солун и во насоката од Солун кон Евзони.

Бегалци кои се сместени и на Идомени и во прифатниот центар во Кукуш вчера почнаа со блокада на автопатот и на македонско-грчката граница кај Евзони. Околу 500 бегалци го блокираа протекот на возила со барање и со молби да им се дозволи да заминат од Грција, жалејќи се на лошите услови на живот во мигрантските центри.

Според официјалните бројки на грчката влада, бројот на бегалци е намален и сега во државата има вкупно регистрирано 48.795 бегалци, од кои 12.000 на Идомени и околу 4.000 на островите.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас од изутринава заседава со владиниот совет за миграција и за бегалци за да се разговара за идните чекори околу справувањето со бегалската криза по договорот ЕУ – Турција.

Ципрас вчера телефонски разговарал со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столенберг. Изразил загриженост и незадоволство дека НАТО-патролите и контролите заедно со турската војска околу водната граница немаат донесено задоволителни резултати околу намалување на бегалскиот бран.