Дописници Балканските ѕвезди со настапи во Источна Македонија

Балканските ѕвезди со настапи во Источна Македонија

Македонскиот исток наредниот месец ќе биде домаќин на три големи балкански музички ѕвезди и покрај јавно искажаното негодување на дел од граѓаните, според кои, просторот треба да им се даде на домашните имиња. По концертот во Охрид, Здравко Чолиќ ќе пее во Берово вечерта пред празникот Голема Богородица, кој градот го одбележува како свој патронат.

Граѓаните на Берово сами го избрале Чолиќ на интернетска анкета на порталот на Општината. Половина месец гласале и се одлучувале меѓу Северина, Саша Ковачевиќ и Емина Јаховиќ. Здравко Чолиќ за помалку од сто гласа ја победил Северина. За некогашната југословенска ѕвезда гласале 1.548 посетители на порталот. Јаховиќ добила најмалку гласови, само 22. Беровачанецот Благој Механџиски и неговата комапнија „Зегин“ ќе го платат настапот на Здравко Чолиќ, кој, исто така, со негова поддршка пееше и во Охрид. Засега, цената не се соопштува.

Чолиќ ќе пее на 27 август, а еден ден подоцна и педесетина километри подолу, во Македонска Каменица, на Денот на рударите, ќе пее Лепа Брена. Рудникот „Саса“ им го подарува концертот на рударите и на гостите на малото рударско градче.

Веќе во септември, во Штип, според сите најави, треба да гостува српската пејачка Цеца. Така одлучиле организаторите на манифестацијата „Штипска пастмалијада“, кои, сепак, размислувале дека бројни гости на Штип можат да му донесат фолк-пејачот Саша Ковачевиќ и „Рибља чорба“. Од домашните пејачи на листата ѕвезди се нашла само Калиопи.