Подглавна секција Бајден ветува поддршка за Израел

Бајден ветува поддршка за Израел

Портпаролот на Израелските одбранбени сили, Даниел Хагари потврди дека само неколку проектили паднале на територијата на Израел, а Иран предупреди дека ќе има поголем напад ако Израел одлучи да се одмазди.

Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Американскиот претседател Џо Бајден ги осуди нападите со ирански беспилотни летала врз воени објекти во Израел, и при разговор со Бенјамин Нетанјаху ја потврди поддршката за Израел.

„Му реков дека Израел покажа извонреден капацитет да се брани и да ги порази дури и нападите без преседан – испраќајќи јасна порака до неговите непријатели дека тие не можат ефективно да ја загрозат безбедноста на Израел“, Белата куќа го цитираше Бајден при неговиот разговор со Нетанјаху.

„Утре, ќе ги свикам моите колеги лидери на Г7 за да координираат обединет дипломатски одговор на дрскиот напад на Иран“, рече тој.

Портпаролот на Израелските одбранбени сили, Даниел Хагари потврди дека само неколку проектили паднале на територијата на Израел, а Иран предупреди дека ќе има поголем напад ако Израел одлучи да се одмазди.

„Нашиот одговор ќе биде уште поголем од ноќешната воена акција ако Израел почне да му се одмаздува на Иран. Предупредуваме и дека американските бази ќе станат мета ако на каков било начин ја поддржи израелската одмазда“, изјави шефот на иранската војска Мохамад Багери.

Инаку, Иран лансираше експлозивни беспилотни летала и истрела проектили врз Израел доцна во саботата што претставува прв директен напад на израелска територија.

„Во последните денови ги зајакнавме нашите одбранбени и офанзивни редови и решени сме да ги преземеме сите неопходни мерки за одбрана на граѓаните на државата Израел“, рече вчера министерот за одбрана Јоав Галант, додавајќи дека внимателно го следат планираниот напад од Иран.