Подглавна секција Бајден се надева на договор до почетокот на Рамазан за прекин на...

Бајден се надева на договор до почетокот на Рамазан за прекин на огнот меѓу Израел и Газа

Предложениот договор предвидува четириесетдневна пауза во сите воени операции од почетокот на Рамазан, како и зголемен проток на помош во Газа

Фото: Abed Rahim Khatib/dpa

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека се надева дека ќе се постигне договор за прекин на огнот во војната меѓу Израел и Газа до почетокот на Рамазан. Муслиманскиот свет месец, во текот на кој припадниците на верата постат од утро до зајдисонце, ќе започне на 10 или 11 Март.

Бајден информира дека сè уште се работи напорно за постигнување на оваа цел. Предложениот договор предвидува четириесетдневна пауза во сите воени операции од почетокот на Рамазан, како и зголемен проток на помош во Газа, пренесува новинската агенција Ројтерс.

Договорот, исто така, би требало да вклучува и договор за ослободување на палестинските затвореници во замена за израелски заложници во сооднос десет спрема еден.

Повиците за акција за ублажување на хуманитарната криза во Газа се интензивираа во четвртокот, откако повеќе од 100 луѓе беа убиени додека толпата се собираше околу камионите со хуманитарна помош кои доставуваа храна.

Хамас, кој управува со Газа, го обвини Израел дека пука кон цивили, но Израел рече дека повеќето загинале во стампедо откако биле испукани предупредувачки истрели.

По инцидентот, претседателот Бајден ги објави плановите за испраќање помош од воздух во Газа.

„Невини луѓе се заробени во ужасна војна, не можејќи да ги прехранат своите семејства. Го видовте одговорот кога тие се обидоа да добијат помош. Мораме да направиме повеќе,“ изјави Бајден.

Според податоците на ОН, околу една четвртина од населението на Газа во моментов е во опасност од глад, но планираните достави од воздух се оценети од хуманитарните групи како скапи и недоволни.