Главна секција Бадентер влегува во ДИК?

Бадентер влегува во ДИК?

Денеска се очекува да се постигне целосен договор околу составот и изборот на ДИК. Според нашите информации од политичките партии, прифатлив е предлогот на ДУИ, со Бадентерово мнозинство да се носат одлуките во новоизбраната Државна изборна комисија.

Веќе е познато дека најголемите политички партии се договорија околу изборот на членови на ДИК и го прифатија предлогот на СДСМ, според кој тие ќе се избираат по формулата „три плус три плус три“, односно тројца членови да бидат на предлог на власта, тројца од опозицијата и на нив да им се приклучат тројца експерти кои ќе бидат избрани со двотретинско мнозинство во Собранието.

Информациите од преговарачите говорат дека е постигнат мал напредок околу активната регистрација на гласачите, со задолжително пријавување. ВМРО-ДПМНЕ е согласна на активна регистрација на гласачите, но сè уште не се изјаснуваат дали таа ќе биде задолжителна или не. Сепак, за ова прашање сè уште не се изјасниле и членовите на албанските политички партии затоа што нивното гласачко тело во голем процент е составено од гастарбајтери.

Политичките партии сè уште се далеку од договор за гласањето на дијаспората.

Прашањето за дијаспората досега не е мрднато од мртва точка и партиите стојат цврсто на своите ставови. ВМРО-ДПМНЕ претпочита да остане досегашниот принцип на гласање на дијаспората во три изборни единици, а СДСМ бара дијаспората да гласа, но важноста на гласот на иселениците да биде ист со оној на гласачите што живеат во Македонија.