Македонија АВРМ бара извинување од Ташевска-Ременски, во спротивно ќе ја тужи

АВРМ бара извинување од Ташевска-Ременски, во спротивно ќе ја тужи

Агенцијата за вработување на Република Македонија соопшти дека тврдењата што денеска ги изнесе министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска-Ременски, на прес-конференцијата, се лаги и клевети и побара извинување. Од Агенцијата велат дека ќе поднесат тужби за клевета и за навреда доколку Ташевска-Ременски не се извини.

„Техничката министерка за труд и социјална политика, Фросина Ташевска-Ременски, денеска одржа прес-конференција за медиумите која всушност беше обид за црна политичка кампања, која нема никаква поврзаност со реалните факти. Изнесе мноштво дезинформации и непознавања за она што го говори на сметка на Агенцијата за вработување. Сите постапки за кои говореше техничката министерка се во рамки на законските процедури. Ја повикуваме во рок од 48 часа јавно да се извини за изнесените лаги, во спротивно ќе ѝ биде поднесено тужба согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета“, се вели во реакцијата од АВРМ.

Од АВРМ посочуваат дека Ташевска-Ременски е министер кој, како што нагласуваат, зад себе има повеќе тужби и кривични пријави отколку реализирани проекти и иницијативи во интерес и корист на граѓаните, поради што таа нема никаков кредибилитет и дигнитет да бара оставки.