Македонија Аудиото од посетата на Талат Џафери во Форино е додадено и е...

Аудиото од посетата на Талат Џафери во Форино е додадено и е од спортски натпревар

Во текстовите се известува дека на социјалните мрежи се појавило видео од дочекот на техничкиот премиер Талат Џафери организиран од неговите соселани, каде се гледа дека тие имаат формирано кордон со факели од двете страни на улицата додека поминува колоната од полициски возила и обезбедувањето на Џафери

Фото: Исечок од видеото во рецензираниот Фејсбук пост

На видеото од посетата на техничкиот премиер Талат Џафери во неговото родно село Форино, снимен е видео материјал, кој содржи аудио со извици ,,Илирида, Чемерија, Косово”. Но, овие извици не се од пречекот на техничкиот премиер, туку се дополнително додадени, односно монтирани. Ваквиот видео материјал е манипулативен затоа што создава впечаток како техничкиот премиер да бил дочекан со овие извици, што не е точно, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Во неколку објави на социјалната мрежа Фејсбук се споделува видео материјал кој потекнува од посета на техничкиот премиер Талат Џафери на неговото родно село Форино. Во насловите од објавите (овде, овде, овде и овде) се вели дека Џафери бил пречекан со извици ,,Илирида, Чемерија, Косово”. Во текстовите се известува дека на социјалните мрежи се појавило видео од дочекот на техничкиот премиер Талат Џафери организиран од неговите соселани, каде се гледа дека тие имаат формирано кордон со факели од двете страни на улицата додека поминува колоната од полициски возила и обезбедувањето на Џафери.

Во некои од текстовите пишува дека пречекот се шири по социјалните мрежи со негодувања на граѓаните.

Основата на сите објави и написи е видео материјалот на кој во позадина се слушаат извиците, ама тие не се автентични, туку се дополнително додадени (монтирани) и, всушност, претставуваат звук од навивање на спортски натпревар неповрзано со доаѓањето на Џафери во Торино.

Дел од порталите објавија дека станува збор за додадено аудио врз видео материјалот отпосле, оставајќи ја оригиналната содржина активна и непроменета.

Социјалните мрежи може да послужат како инспирација или место каде се добива дојава, меѓутоа новинарските професионални стандарди налагаат таа информација да се провери во согласност со членот 1 од Кодексот на новинарите, кој утврдува дека новинарот ќе објавува точни и проверени информации.

Во конкретните случаи, пласирана е содржина која што е изменета, со што се додава нов контекст на целата посета на Џафери во Форино, односно се допира етничката компонента. На Тик-Ток профилот од каде е споделено видеото со овој звук, може да се најде оригиналното видео од каде потекнува звукот.

Поради сите горенаведени факти објавите што ги рецензираме ги оценуваме како неточни, објави во кои има изменети аудио елементи (altered content). Видеото е автентично, но звукот кој се слуша во позадина е додаден и не е оригиналниот звук од посетата на Џафери на Форино.