Македонија Апелација на јавна седница ќе ја разгледува жалбата за притворот на Кочан

Апелација на јавна седница ќе ја разгледува жалбата за притворот на Кочан

Апелацискиот суд денеска, во 12 часот, на јавна седница ќе ја разгледува жалбата на одбраната за притворот на бизнисменот Сеад Кочан, кој е првоосомничен во случајот „Труст“, што го отвори Специјалното јавно обвинителство.

Седницата ќе биде јавна, на барање на Специјалното јавно обвинителство, потврдија оттаму за „Мета“.

Завчера од Кривичниот суд информираа дека предметот по жалбата на одбраната на Кочан бил комплетиран и испратен во Апелацискиот суд.

На седницата најавена за денеска, обвинителите на СЈО и адвокатите на Кочан ќе ги соочат аргументите околу оправданоста на одлуката на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, кој во четвртокот минатата недела донесе решение на бизнисменот да му биде одреден притвор.

Кочан, кој е еден од тројцата осомничени во „Труст“, е недостапен за органите на прогонот и по него е распишана меѓународна потерница преку Интерпол.