Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) донесе одлука за поведување две прекршочни постапки против претседателот Ѓорге Иванов за донесени укази за унапредување и поставување старешини во АРМ за време на изборниот период, што, според ДКСК претставува непочитување на забраните утврдени на Изборниот законик и Законот за спречување корупција и судир на интереси.
Имено, претседателот Иванов со указ го унапредил во чин генерал-потполковник од генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, а при унапредувањето не е постапено согласно одредбите од Законот за служба во Армијата. Според ДКСК, тоа упатува на сомневање дека Иванов ги пречекорил своите законски овластувања и донел одлука без претходно спроведување на законски утврдената процедура. Со донесување и извршување на указот, сметаат од ДКСК, на Ѓурчиновски ќе му се исплатува зголемена плата, дејствие што е забрането во изборен период.
Исто така, со указите на Иванов со кои се поставува бригадниот генерал Орце Јордев за заменик командант и полковник Драган Ковачки за командант на Првата механизирана пешадиска бригада и полковник Бесник Емини за началник на Штаб, донесени по денот на распишување на изборите, ќе им се исплатува зголемена плата, што е забрането во изборен период.