Македонија „Анима мунди“: Во Вардариште се убиваат мирни и неагресивни кучиња

„Анима мунди“: Во Вардариште се убиваат мирни и неагресивни кучиња

„Не прекинува ловот на мирни и сакани бездомни кучиња во општина Аеродром. Не запира лажната узбуна дека се агресивни и дека напаѓаат. Еве едно такво куче, куче за кое се направи хајка, пратија и инспектори и шинтери да го ловат, куче кое се држи во карантин и кое доколку за него не се крене врева, нема оттаму да излезе живо“, реагираат од здружението за заштита на животни „Анима мунди“.

Во реакцијата на здружението, испратени се и неколку фотографии на кои се гледа како кучето си игра со децата од населбата.
„Вакви, како Белчо, се „агресивните кучиња“ што се убиваат во Вардариште. Ваквите, како Белчо, секојдневно се заловуваат и убиваат, од нив останува само црна статистика. Погледнете го и шармантниот, верен бездомник од Автокоманда. Прв другар на дечињата од неговата улица. Не сторил никогаш никому ништо лошо. Не успеавме да го спасиме ни ние, ниту оние кои се грижеа за него и молеа во Вардариште да се ослободи. Шарко е мртов, убиен од нелуѓе во Вардариште, кои без трошка совест, го декларираа за агресивен и му го одзедоа животот“, пишува во реакцијата на здружението.

Од „Анима мунди“ велат дека со ваквиот третман на бездомните животни во Скопје и во Македонија, институциите немаат право на мирна совест.

„По безброј пријави за нехуманиот третман во Вардариште, барања за негово затворање, никако не се постапило и стационарот и понатаму постои, убива. Сепак, нема да се откажеме и ќе сториме сè да дојде денот кога одговорните за овие злодела правно ќе одговараат“, реагираат од „Анима мунди“.

Од Општината Аеродром велат дека кучињата ги пријавуваат во јавното претпријатие „Комунална хигиена“ само ако добијат поплака од граѓани дека на некое место има глутница кучиња.