Македонија Ангеловска-Бежоска награди средношколци од „Васил Антевски-Дрен“ за знаења на едукативен квиз организиран...

Ангеловска-Бежоска награди средношколци од „Васил Антевски-Дрен“ за знаења на едукативен квиз организиран од Народната банка

Фото: НБРМ

Средношколките Ева Младенова, Кристина Митовска и Јована Петровска, ги освоија првите три места на едукативниот квиз што виртуелно се одржа во март годинава, за време на одбележувањето на „Глобалната недела на парите“, во организација на Народната банка. На едукативниот квиз учествуваа 26 ученици од III и IV година кои одговараа на прашања од доменот на работењето на Народната банка и на банкарскиот систем.

Подигањето на јавната свест за значењето на финансиската писменост, како за граѓаните, така и за економијата, има значајна улога во спроведувањето на процесот на финансиска едукација. За оваа цел, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска го посети СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ ‒ Скопје, доделувајќи им награди на учениците кои учествуваа на едукативниот квиз на Народната банка по повод одбележувањето на „Глобалната недела на парите“.

Ангеловска-Бежоска најави дека Централната банка и во иднина ќе презема ваков тип едукативни активности за учениците од основните и од средните училишта во земјава, со цел да се зголеми нивото на финансиската писменост кај младите. Гувернерката одржа и едукативна презентација пред учениците и оствари работна средба со раководството на училиштето на која се разговараше за можните форми на натамошна соработка во доменот на финансиската едукација.

Во својата презентација, гувернерката се осврна на значењето на финансиската писменост на населението и сѐ поголемата улога на централните банки во овој домен. Како поранешна ученичка од ова средно училиште, Ангеловска-Бежоска го истакна финансиското знаење како суштинско, не само за тие кои одбрале професионално да се занимаваат со финансии туку и за целото население, особено во современиот динамичен финансиски систем.