Економија Ангеловска-Бежоска: Централната банка во пандемијата има клучна улога за обезбедување финансиска стабилност

Ангеловска-Бежоска: Централната банка во пандемијата има клучна улога за обезбедување финансиска стабилност

Анита Ангеловска Бежоска фото: НБРСМ

Народната банка има витална улога во ублажувањето на влијанието на кризата и нејзината професионалност и независноста, се клучни предуслови за обезбедувањето на целокупната стабилност на економскиот и на финансискиот систем. Ова го посочи директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, на вчерашниот состанок со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на кој се разговараше за важноста на силните и кредибилни институции, особено во услови на криза, и за зачувување на довербата и поддршка на домаќинствата и компаниите.

„За нас е особено важно што имаме меѓународен партнер со силен интегритет, професионализам и стручност, којшто постојано вложува во подобрувањето на нашите капацитети и ни помага во зацврстувањето на нашата улога во општеството“, рече  Ангеловска-Бежоска, нагласувајќи ја поддршката и партнерството со ММФ.

На состанокот беше истакнато дека на глобално ниво е потребна будност и претпазливост во овие околности и поради неизвесноста околу времетраењето и последиците од пандемијата. Во политиките на финансискиот сектор треба да има мерки за зајакнување на отпорноста на финансискиот систем и во тој контекст е неопходна претпазливост при распределба на дивидендата, како важен чекор во градењето на капацитетот на системот.

Доброволното учество на Народната банка во пилот-оценувањето на усогласеноста со Кодексот на ММФ за транспарентност на централните банки, беше оценето како важен влог за зајакнување на транспарентноста и интегритетот на институцијата.