Економија Ангелоски: На компаниите им требаат современи машини за да бидат конкурентни

Ангелоски: На компаниите им требаат современи машини за да бидат конкурентни

На компаниите им треба полесен пристап до финансиски средства за да ги обноват своите машини со современа и висока технолошка вредност, заради добивање краен производ со поголема додадена вредност, изјави Богослав Ангелоски од Сојузот на стопански комори.

„За поголем развој на индустриското производството и за финализирање производи со поголема додадена вредност, потребен е економски план за развој, а врз таа основа да се изработи стратегија за извоз на македонски производи на странските пазари во контекст на принципите на ЦЕФТА и Светската трговска организација“, изјави Ангелоски.

Според него, важно е македонските компании да ги следат сите релевантни европски и светски трендови во областа на индустријата, како иновациите, новите технологии и новите компании кои се присутни на пазарите.

„Крајната цел е македонските компании да станат дел од интегрираниот глобален светски пазар. За компаниите, покрај искусен кадар, потребен е и свеж кадар, кој ќе придонесува за развој на новите технологии“, изјави Ангелоски.

Според него, доколку сакаме да се приклучиме на земијите со висок технички и технолошки развој, потребно е минималниот пораст да изнесува од седум до девет проценти на годишно ниво и таквиот тренд да се одржува во континуитет од пет до 10 години.