Македонија Ангажирани сите капацитети на АРМ за помош на настраданите во невремето

Ангажирани сите капацитети на АРМ за помош на настраданите во невремето

Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов издал наредба за ставање на располагање на сите потребни капацитети на армијата во справување со последиците од невремето што вчера го погоди Скопје и околината, соопштија денеска од генералштабот на АРМ.

Истовремено и началникот на ГШ на АРМ, Методија Величковски наредил ангажирање на дел од специјалните единици на армијата за помош во загрозените подрачја.

„Тимови за пребарување и извлекување опремени со специјална опрема и товарни возила во текот на ноќта, но и во текот а денешниот ден, сè уште, се ангажираат во околината на Стајковци, село Сингелиќ, населба Ченто и обиколницата на град Скопје, каде заедно со екипите на МВР и останати субјекти го пребаруваат теренот, се ангажираат во извлекување на загрозено население, добиток и заглавени моторни возила. Во раните утрински часови транспортен хеликоптер на АРМ заедно со претставници на МВР го надлетуваа погодениот реон од невремето заради комплетно извидување на теренот и увидување на потребите за понатамошно ангажирање. Армијата на Република Македонија ги стави на располагање сите потребни сили и материјални средства во справување со последиците на невремето. Во моментот е ангажиран дополнителен персонал, потребен број на моторни возила и материјални средства за пребарување на теренот, извлекување и помагање на месното население, како и достава на вода за пиење и останат неопходен материјал од собирните пунктови во град Скопје до погодените населени места каде тоа е најпотребно. За таа цел претставник на АРМ се наоѓа во кризниот штаб на град Скопје заради непосредна координација за пројавените потреби и понатамошно ангажирање на потребен број на персонал и материјални средства“, стои во соопштенето од генералштабот на АРМ.