Македонија Аналитичарите за предлогот за швајцарскиот модел: Да не се вметнува етничка агенда...

Аналитичарите за предлогот за швајцарскиот модел: Да не се вметнува етничка агенда во Пржино

Инсистирањето на швајцарски јазичен модел, кој, според вицепремиерот Муса Џафери, е најдобар за имплементација во Македонија, е неприфатлив за македонските аналитичари.

Професорот Љубомир Фрчкоски смета дека ДУИ и ДПА воопшто не се снаоѓаат во борбата против апсолутистичкиот концепт на власт.

– Со ова барање, ДУИ се обидува да ја избегне одговорноста. Сега се повикуваат на некоја етничка агенда и сакаат да ја вметнат во Договорот од Пржино. Со тоа само сакаат да ја избегнат суштината на договорот. За волја на вистината, етничката агенда во Македонија не е загрозена, туку загрозена е нивната власт и односот со граѓаните. Не смее да им се дозволи да внесат агенда која не е дел од договорот – вели Фрчкоски.

Аналитичарот Владимир Божиновски вели дека имаме Рамковен договор, а сè друго, па и оваа идеја, е сопирачка за демократијата.

– Треба целосно да се имплементира Рамковниот договор. Со ова се претендира да се вметне етничка агенда во преговорите, со која од ДУИ мислат дека ќе ќарат кај гласачите. Сепак, и Македонците и Албанците, повеќе не ги интересираат етнички агенди, туку економскиот просперитет и нивната егзистенција. Време е албанските партии да се движат кон граѓанскиот концепт, а не кон етничкиот – ни изјави Божиновски.

Професорот Владо Поповски не верува дека работните групи би го менувале Уставот за промена на Рамковниот договор. Според него, моделот кој го предлага Муса Џафери е добар предлог, но тој не смета дека кај нас би можело да биде успешно.

– Можеби ќе се прават измена во Законот за јазици, но не верувам дека работните групи би можеле да си дозволат менување на Уставот. Се уште има многу шпекулации и неточни информации и би било неубаво јас да давам мислење на нешто што се уште не се знае – вели професорот Поповски.

Инаку, Џафери рече дека најдобар начин за спроведување на Рамковниот договор е примерот на Швајцарија, во кој сите етнички заедници ги зборуваат сите три јазика.

– Доколку се успее да се постигне ова ниво, би се поштедиле од многу националистички говори. Рамковниот договор треба да послужи во отворени можности на Македонија за членство во ЕУ – изјави Џафери.