Македонија Евроамбасадорот Гир на писта ги посети пилотите кои се борат со пожарите

Евроамбасадорот Гир на писта ги посети пилотите кои се борат со пожарите

Амбасадорот Гир и директорот на ЦУК Стојанче Ангелов од посадите на хеликоптерите и авионите пристигнати преку Механизмот на ЕУ за цивилна заштита беа запознаени со перфомансите и учинокот и имаа можност да ги видат леталата пред да започнат со нивните цели предвидени за денес

Фото: ЦУК

Денеска амбасадорот на ЕУ во Р.С. Македонија Н.Е. Дејвид Гир учествуваше на редовниот утрински брифинг на националните и странските воздухопловни тимови и директно на писта од воениот дел од аеродромот се запозна со противпожарните активности.

„Сите домашни и странски сили, и по земја и од воздух, согласно оптималните услови на техниката и ситуацијата на терен, храбро и одлучно се борат да ги угаснат пожарите што земаа замав во нашата држава“, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК)

Амбасадорот Гир и директорот на ЦУК Стојанче Ангелов од посадите на хеликоптерите и авионите пристигнати преку Механизмот на ЕУ за цивилна заштита беа запознаени со перфомансите и учинокот и имаа можност да ги видат леталата пред да започнат со нивните цели предвидени за денес.

Директорот Ангелов се заблагодари на Амбасадорот Гир за поддршката од ЕУ Механизмот за цивилна заштита и за неговото лично присуство и поддршка на здружените напори на националните и меѓународните сили за одбрана од разбеснетата огнена стихија.