Македонија Албанските опозиционери ќе дејствуваат во заедничка пратеничка група

Албанските опозиционери ќе дејствуваат во заедничка пратеничка група

Координатор на пратеничката група е Сафије Садики-Шаини од Алтернатива, а нејзина заменичка ќе биде Мерита Колчи Коџаџику од Демократско движење

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Пратениците од албанскиот опозициски блок Демократско движење, Беса и Алтернатива денеска најавија дека отсега во Собранието ќе дејствуваат во рамки на заедничка пратеничка група. Tие неодамна го формираа т.н. „Европски сојуз за промени“.

За координатор на пратеничката група е избрана Сафије Садики-Шаини од Алтернатива, а нејзина заменичка ќе биде Мерита Колчи Коџаџику од Демократско движење. За ова денеска пратениците го известиле собранискиот спикер Талат Џафери.

„Иако пратеничкиот мандат е при крај, сметаме дека има многу отворени прашања и процеси поврзани со европската иднина на земјата за што Сојузот е сериозно заинтересиран да помогне. Вo овој правец формирањето на пратеничката група ќе биде додадена вредност на оваа соработка“, изјави лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Освен што најавија дека заеднички ќе дејствуваат во законодавниот дом, пратениците од „Европскиот сојуз за промени“ ги повикаа сите пратеници кои сакаат, да се приклучат кон нивната пратеничка група.