Македонија Алаѓозовски: Ќе ја тргнеме државната заштита на незаконски впишаните споменици

Алаѓозовски: Ќе ја тргнеме државната заштита на незаконски впишаните споменици

Со усвојувањето на Стратегијата за развој на културата 2018 – 2022 и aкцискиот план, Владата отвори процес на темелни реформи,  преструктуирање и обнова на културниот систем во Република Македонија, порача министерот за култура на прес-конференција на која ги презентираше двата документа.

Тој најави и бришење од регистарот на сите незаконски впишани споменици.

– Во изминатите месеци спроведовме повеќе институционални акции, со кои го спречивме пропаѓањето на културниот систем во повеќе сегменти и непродуктивното трошење на парите на граѓаните. Поконкретно, изменивме четири закони, го запревме пропаѓањето на културното наследство, ги оневозможивме клиентелистичките привилегии и стопиравме да се одлеваат пари за „Скопје 2014“. Подготвивме буџет и спроведуваме активности со кои ги враќаме долговите за да спречиме огромни камати, ги санираме објектите на културата и овозможуваме проекти на голем број актери во културата – рече министерот за култура.

Како што најави Алаѓозовски, ќе се поддржат иницијативи за отворање нови културни установи или преземање на постоечките од страна на општините. Планирана е и анализа на состојбите во установите и Управата за заштита на културното наследство. Ќе се изработи стратегија за заштита и подготовка на нов закон за заштита на културното наследство.

Се планира и бришење на незаконски впишани споменици во регистарот.

– Во 2018 година ќе спроведеме и ревизија и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од т.н. проект „Скопје 2014“, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство – рече министерот за култура, најавувајќи и поддршка на граѓанскиот и на независниот културен сектор,  интердисциплинарните уметности и културните и креативните индустрии.