Пожарот кај село Раовиќ, Општина Сарај утрово чади на повеќе места. Истиот се простира од село Буковиќ кон селото Чајлане и Матка, а постои можност да се разгори, информираа од Центарот за управување со кризи.
Сѐ уште е активен и пожарот на отворен простор помеѓу селата Барово и Вешје, кој е проширен кон висорамнината Витачево, кон село Страгово во Кавадарци. На овој пожар гори сува трева и нискостеблеста шума на тешко пристапен терен. Во пожарот кој се шири на повеќе краци интервенираат 100 војници на Армијата на Република Северна Македонија, 20 вработени од ШС Демир Капија и 20 доброволци. Таму вчера со контра-пожар дејствувал францускиот експертски тим, кој денеска е ангажиран на Осој, над селата Раовиќ и Буковиќ.
Во моментов се дејствува и на гаснење на пожарот кој вчера попладне започна во атарот на селото Горно Мелничани во Општина Центар Жупа, каде е зафатена површина од букова шума.
Под контрола е ставен пожарот кој избувна вчера помеѓу селото Црвена Вода и планинарскиот дом „Китка“, иако на опожарените места сѐ уште чади и догоруваат корења и гранки. Локализиран е и шумскиот пожар кој започна вчера на подрачјето на Кратово, близу селото Емирица.
Како што информираа од ЦУК, целосно е изгасната запалената депонија во Радовиш. Изгаснати се и пожарот во атарите на селата Грумази и Ивени во Општина Новаци, каде гореше сува трева и нискостеблеста шума, како и пожарот кај цело Шипковица на планината Плачковица.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вчера соопшти дека досега се приведени 17 лица кои се сомничат за подметнување на пожар, а уште 16 се повикани на разговор. Веќе се поднесени три кривични и две прекршочни пријави, а Спасовски нагласи дека во координација со јавен обвинител се работи на расчистување на сите случаи.