Македонија АХВ: Пред Курбан Бајрам засилени инспекциски контроли на добиточните пазари заради заштита...

АХВ: Пред Курбан Бајрам засилени инспекциски контроли на добиточните пазари заради заштита на здравјето на граѓаните

Фото: АХВ

Пред претстојниот голем муслимански празник Курбан Бајрам (20 јули, вторник), директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, одржа работен состанок со претставници на Исламската верска заедница, МВР и општинските комунални и инспекторите за заштита на животната средина, со цел координирање на активностите на секоја од институциите, за контрола на безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојба на животните.

„Инспекциските служби спроведувааат вонредни засилени контроли на добиточните пазари и локациите надвор од нив, за кои имаат сознанија дека таму се врши нелегална трговија со добиток и недозволено колење. Целта на овие активности е да се обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на граѓаните и да се гарантира консумација на безбедно месо, од здрави животни, почитувајќи ги културните и религиските барања на верските заедници. АХВ апелира до граѓаните за претстојниот празник да не се купува добиток од „дивите“ пазари, бидејќи таму нема гаранција за здравствената состојба на животните, со што во прашање може да се доведе здравјето на купувачите и нивните семејства“, речe Бабовски.

Од АХВ препорачуваат движењето на животните да се врши исклучиво со поседување на сертификат за здравствена состојба на секоја единка, а колењето да биде во одобрени кланици од страна на АХВ. Освен за животните кои се колат за сопствени потреби, за што треба да биде известен официјален ветеринар или овластено ветеринарно друштво кое треба да изврши одјавување на закланата единка од Ветеринарно информативниот систем на АХВ. Бабовски апелира граѓаните да бидат внимателни и при набавка на месо кое треба да се купува од одобрени месарници со имплементирани стандарди за безбедност на храната.