Македонија Адолесцентно е условувањето на опозицијата, вели Заев за формирањето на ДИК

Адолесцентно е условувањето на опозицијата, вели Заев за формирањето на ДИК

Дебатата во врска со референдумот и сите прашања поврзани со него, меѓу кои и формирањето на ДИК ќе почне кон крајот на овој месец, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање.

– Тоа што власта е приморана на преговори од опозицијата за да се формира ДИК само по себе кажува колку е адолесцентен самиот процес на кој се подложени институциите. ДИК мора да се формира одма и веднаш. Тоа е обврска на парламентот и на сите политички чинители – рече Заев и додаде дека очекува брзо формирање на Комисијата.

Доколку работните групи не успеат да се договорат, тој како можност спомена лидерска средба, но, сепак, изрази уверување дека сите прашања ќе бидат договорени на ниво на работни групи.

Престојаниот период, рече премиерот, ќе се дебатира и за датумот на референдумот, референдумското прашање, неговиот карактер.

– Граѓаните имаат право и треба да се изјаснат на референдумот. Има референдуми со различна тежина, но овој има историско значење, бидејќи со него ќе се дефинира иднината кон која се стреми нашата земја – вели Заев.

На прашањето дали до крајот на годината очекува дека ќе има 80 пратеници кои би ги спровеле уставните измени Заев истакна дека тоа не е цел на владејачкото мнозинство.

– Верувам дека Парламентот треба да обезбеди 120 пратеници, ако волјата на граѓаните биде позитивна на референдумот – нагласи Заев.