Македонија Имаме само половина од потребниот број пожарникари

Имаме само половина од потребниот број пожарникари

Земјава располага само со половина од потребниот број на професионални пожарникари во територијалните противпожарни единици, покажуваат податоците на Дирекцијата за заштита и спасување.

На крајот на минатата година сме имале 747 пожарникари, или еден на 2.778 жители. Стандардот пропишан во Законот за пожарникарство, пак, наложува дека треба да има еден пожарникар на најмногу 1.500 жители, или најмалку 1.383 професионални пожарникари според сегашната проценка за населението на Државниот завод за статистика.

Во земјава постојат 30 територијални противпожарни единици, кои ја покриваат територијата на сите 80 општини, а 14 од овие единици се републички противпожарни сили, односно дејствуваат на целата територија за гаснење на големи пожари. Според Законот за пожарникарство, најмалите општини, до 10.000 жители, треба да имаат најмалку девет пожарникари, или еден на 1.111 жители, а општиите со повеќе од 24.000 жители по еден професионален пожарникар на секои 1.500 жители.

Недостаток има во сите територијални противпожарни единици. Според Дирекцијата за заштита и спасување, во Скопје, со 18 нови вработувања, противпожарната бригада годинава има 194 вработени, а треба да има 392 пожарникари. Единицата во Куманово, која, како и скопската, е дел од републучките сили, има 50 пожарникари, а и трбаат уште најмалку толку. Со половина од потребниот персонал располагаат и противпожарната единициа во Кочани, а Велес има 15 од 40 пожарникари кои треба да ги има.

Покрај територијалите противпожарни единици, кои ги формираат општините, во Македонија функционираат и доброволни противпожарни здруженија, од кои на барање на Дирекцијата за заштита и спасување општините регрутираат сезонски пожарникари, и противпожарни единици на одредени индустрии кои работат со запаливи и експлозивни материи.