Дописници Затемнетото Сонцето над Македонија – на „Си-Ен-Ен“ и на „Спејс“

Затемнетото Сонцето над Македонија – на „Си-Ен-Ен“ и на „Спејс“

Фотографии од вчерашното затемнување на Сонцето, кои ги направи охридскиот фотограф Стојан Стојановски, беа дел од селектираните фотоматеријали објавени на интернет-страницата на глобалниот информациски сервис „Си-Ен-Ен“, како и на најпознатиот портал за астрономија „Спејс“.

„Веб-дизајнерот и фотограф Стојан Стојановски од Македонија, ја направи оваа неверојатна фотографија на затемнувањето на Сонцето, следено од тлото на Македонија. Фотографијата е направена во Скопје, во присуство на членови на скопското Астрономско друштво“, пишува „Си-Ен-Ен“.

Поради поголемата видливост на овој феномен во Скопје, членови на аматерското Астрономско друштво од Охрид вчера допатуваа до главниот град и таму го следеа затемнувањето на Сонцето.

Стојановски е член на аматерското Астрономско друштво од Охрид и често негови фотографии за астрономските феномени се објавуваат на светските интернет-страници. Пред две години негова фотографија за поминувањето на кометата Пан-Старс, беше објавена на порталот на НАСА.