Македонија 55 илјади граѓани имаат зголемен ризик да добијат срцеви заболувања

55 илјади граѓани имаат зголемен ризик да добијат срцеви заболувања

Досега проектот е спроведен на 325 илјади лица

Новите превентивни мерки и активноси што ги воведоа матичните лекари, на почетокот на оваа година, помогнаа да се открие дека  55.000 лица имаат ризик од срцеви заболувања, 45.000 пациенти имаат ризик од дијабет и 12.000 пациенти имаат ризик од бубрежни заболувања. Проектот е спроведен на 325.000 лица.

Од Фондот за здравствено осигурување на Македонија информираа дека со рано откривање на овие болести, здравствените работници и Фондот спречиле: ампутации кај дијабетично стапало, слепило предизвикано од дијабет, мозочни и срцеви удари, компликации од мозочни и од срцеви удари, како што се губење на од и на говор, одземеност на екстремитети, генерална инвалидност. Притоа е постигнато да се одложи дијализа кај бубрежно болните и се спречува предвремена смрт.

– Овој проект, покрај навременото откривање на овие три заболувања, има цел да спроведе и здравствена статистика кај осигурениците од 14 до 65-годишна возраст. Податоците кои првпат се објавуваат се поразителни, особено кај младата популација. Од 14 до 24-годишна возраст 27,1 проценти се пушачи, додека на светско ниво овој процент е 22 и секоја година се намалува. Меѓу младите, 0,1 отсто се и корисници на опојни дроги. Ако овие навики не се прекинат, ќе предизвикаат сериозни нарушувања на здравјето на младите луѓе.