Култура Книга есеи – рецензии и литературна критика од Петко Шипинкароски

Книга есеи – рецензии и литературна критика од Петко Шипинкароски

Денеска напладне, во Културно-информативниот центар „365“ во Охрид, беше промовирана новата книга есеи – рецензии и литературна критика од Петко Шипинкаровски, под наслов „Кога уметноста е живот, животот е уметност“. Пред присутните, книгата ја претставија м-р Лидија Размоска и писателот и поет Тоде Илиески.

– Најновиот наслов на Шипинкаровски, кој е негов дваесетти по ред, пополнува една празнина во македонската литература и поетско создавање. Во услови кога речиси е замрена литаратурната критика, овој седумгодишен труд на Шипинкароски претставува значително освежување и стимул за идните автори да се зафатат со можеби неблагодарната, но секако потребна активност во нашиот културен живот, особено во литерарното творештво – рече Илиески.

Во книгата Шипинкаровски, покрај за автори од Македонија, објавува критички рецензии за автори од Бугарија, Србија, Хрватска, Русија и од други земји.

Петко Шипинкаровски досега има објавено десетина романи, две романизирани монографии, книгата раскази „Залезнина“ и монодрамата за Толе Паша. „Бели утра“ е негова четврта поетска збирка. Тој е годинешен добитник на наградата „Повелба за животно дело“, на 14. Културно-научна манифестација „Пелагонски средби“.
Шипинкаровски е главен и одговорен уредник на списанието за книжевност „Бранувања“ што се објавува во Струга, како и на истоимената издавачка куќа која досега обелоденила триесетина наслови.