Дописници „О2“, нова регионална телевизија со седиште во Охрид

„О2“, нова регионална телевизија со седиште во Охрид

Директорот на Телевизија, Николче Милески појаснува дека О2 ги има сите технички предуслови и студиско – теренска техника која е врв во мигот на нашиве простори

Од синоќа, со емитувањето на првиот ТВ-дневник во етерот, зрачи нова регионалната телевизија „О2“, чие седиште е во Охрид.

Директорот на телевизијата, Николче Милески, појаснува дека „О2“ ги има сите технички предуслови и студиско-теренска техника која е врв во мигот на нашиве простори. Тимот го сочинуваат млади и образовани новинари и технички персонал, кој мина низ процесот на обука и ветува динамична телевизиска понуда и слика.

– Целта на телевизијата е да се понуди програма за сите генерации и вкусови, но не брзаме и постепено и со квалитет ќе ја освојуваме регионалната публика – додава Милески.

Според главната уредничка на телевизијата, Татјана Маленкова, на почетокот стожерот ќе го има информативната програма, а наскоро ќе телевизијата ќе почне да работи со редовна програмска шема во која ќе има простор за утринска програма, контактни емисии во живо, од студио и надвор од него.

– Наша цел е да ја заживееме и документаристиката и истражувачкото новинарство, а ќе има простор и за редица музички и емисии од културата – вели Маленкова, главна и одговорна уредничка на телевизијата.

Таа додава дека претпладне ќе се емитуваат флеш-вести, а попладне дневник. Првиот дневник, според програмската шема на Телевизија „О2“, ќе биде во 16.30 часот, а вториот во 20.00 часот. За кратко време ќе се воведе дневник и пред полноќ.