Економија 13 македонски компании учествуваат на саем за храна во Москва

13 македонски компании учествуваат на саем за храна во Москва

Тринаесет македонски компании ќе се претстават на најголемиот прехранбен саем во Југоисточна Европа „Ворлд фуд 2017“, (World food 2017) во Москва, кој почнува денеска и ќе трае до 14 септември.

Македонските производители и преработувачи на свежо овошје и зеленчук ќе имаат национален штанд, кој се простира на површина од 110 квадратни метри, а делегацијата ја сочинуваат 28 бизнисмени.

– Покрај настапот на саемот, македонската бизнис-делегација денеска ќе има средба и со преставниците на најголемите трговски синџири од Руската Федерација во огромниот деловен центар „Фуд сити“, кој е сопственост на најголемиот руски агро-кластер – изјави Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора, кој ја предводи бизнис-делегацијата од македонските компании.

Според Бешлиев, побарувачката за македонските земјоделски производи од страна на руските компании се зголемува, а во изминатиот период се зголемил и бројот на пратките и количествата што се пласирани на тој голем пазар.

Покрај учеството на саемот, бизнисмените ќе остварат бројни деловни средби со претставници на руската комора и со официјалните лица на руската администрација.

Настапот на македонските компании е во организација на Македонско-рускатата стопанска комора, со финансиска поддршка на ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.