Подглавна секција Ќе сопре падот на цените на горивата, ОПЕК го намалува производство на...

Ќе сопре падот на цените на горивата, ОПЕК го намалува производство на нафта

Организацијата на земји, извознички на нафта, ОПЕК, на видео конференција во раните утрински часови во петокот, го скицираа договорот, според кој, глобалната понуда на нафта треба да се намалува за 10 милиони барели дневно, односно за една петтина, или 10 отсто од глобалната понуда, пишува „Ројтерс“.

Така, производството би требало да се намали за 10 милиони во мај и во јуни, и за 8 милиони барели во јули. Од јануари 2021 до април 2022 година производството би се намалувало за 6 милиони барели дневно, според ОПЕК. Се бара на оваа иницијатива да и се приклучат и повеќе земји за да се намали производството за дополнителни 5 милиони барели дневно. Посебно се инсистира на приклучувањето на САД, кој беше повикан на состанокот, но не се знае дали учествувал, напоменува „Ројтерс“. САД моментално е најголемиот производител на нафта во светот со над 12 милиони барели дневно.

Се спомнало и приклучувањето кон овој договор и на Норвешка, Бразил, Канада и  Саудиска Арабија, на која Доналд Трамп и се закани со санкции и царини ако не го реши проблемот со падот на цените, за на крај фокусот да се стави на Мексико.

„Се надевам дека Мексико ќе увиди оти договорот ќе биде од корист, не само за Мексико туку и за целиот свет. Овој договор во целост зависи од согласноста на Мексико“, изјави за „Ројтерс“, саудискиот принц Абдулазиз бин Салман.

Поради мерките за сузбивање на пандемијата на корона вирусот, глобалната побарувачка за енергенси се намали за 30 отсто, односно за 30 милиони барели дневно. Авионите не летаат, возилата се користат многу малку, а економската активност во земјите е секаде замрена. Бројките покажуваат дека, со оглед на падот на побарувачката, предвиденото намалување за 15 милиони барели дневно, сепак, остава значаен вишок на нафта на пазарот, забележува „Ројтерс“.