Дописници Зошто да одите во странство кога можете да останете и да инвестирате...

Зошто да одите во странство кога можете да останете и да инвестирате тука

Превенција на одливот на таленти, намалување на невработеноста и понатамошно развивање на претприемаштвото. Ова накусо е целта на проектот „Зошто да одите во странство кога можете да останете и да инвестирате во вашата држава?“, на здружението на граѓани ЦЕФЕ-Македонија, кој денеска ја имаше својата промоција во Битола.

Проект-менџерот Јован Сталевски вели дека проектот нема да поставува бариери или граници, туку ќе понуди информации како да се мотивираат младите да ги остварат своите идеи за бизнис во сопствената држава. Тоа ќе го направат со видеозаписи на кои ќе бидат презентирани добрите практики од Македонија, што нудат државните институции, а што бизнис-финансиерите и менторите за младите претприемачи.

– Сите ќе се сложите дека од секоја фамилија има по еден до двајца членови кои заминале во странство. Според податоците на Светска банка, до 2010 година од Македонија заминале 447.000 граѓани. Значи, ние сакаме на постојните и на потенцијалните претприемачи да им помогнеме, да им понудиме можности за поддршка на бизнисот во државата – вели Сталевски.

Според него, и анализите на Државниот завод за статистика покажуваат дека до 2008 година во државата во малите и средни претпријатија биле вработени само 41 процент од вкупниот број на вработени, за во 2010 година тој процент да се искачи само на 43 проценти. Но, тоа не се добри вести бидејќи во голем број економии во светот бројот на вработени во малите и средни бизниси изнесува повеќе од 80 отсто.

– Ова е апел до локалните и до државните бизнис-лидери да се вклучат во проектот и да ги поделат со младите своите успешни приказни за водење бизнис – вели Сталевски.

Проектот е поддржан од Амбасадата на САД во Македонија, а ќе се спроведува од декември 2014 до мај следната година.

А.Б.