Македонија ЗНМ со осуда за физички напад врз снимател од ТВ 24

ЗНМ со осуда за физички напад врз снимател од ТВ 24

Во обид да документира сообраќајна несреќа, снимателот Камчев бил нападнат вербално, а потоа и физички

фото: Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ)

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди вербалниот и физички напад врз снимателот на ТВ 24, Иван Камчев. Напаѓачот ја оштетил и неговата опрема, информираше здружението.

Камчев, враќајќи се од денешно снимање, со колега од МРТВ на патот Градско-Прилеп кај Росоман биле сведоци на сообраќајна несреќа. Во обид да го документира настанот, снимателот Камчев бил нападнат вербално, а потоа и физички.

„Само што почнав да снимам инсерти, лицето се доближи до мене почна да вика предавници новинари, само некакви права барате и ни се обрати со погрдни зборови. Неколку пати замавна по мене и еднаш успеа да го погоди сталакот и ја оштети камерата“, изјавил Камчев во телефонски разговор кога го пријавил случајот во ЗНМ.

Од здружението велат дека случајот е пријавен и во Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде добиле информација оти по пријавата се преземени мерки за негово расчистување.