Македонија ЗНМ: Нападите врз новинарите се оркестрирани, а институциите им кумуваат

ЗНМ: Нападите врз новинарите се оркестрирани, а институциите им кумуваат

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во изминатите четири години регистрирало повеќе од 20 закани и физички напади против новинари и медиумски работници, од кои половина се случиле во првите шест месеци од оваа година, а за ниеден од нив насилниците ниту се откриени ниту, пак, се казнети.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти Насер Селмани, претседателот на ЗНМ.

– Сакаме да ја искажеме загриженоста затоа што насилството врз новинарите е сериозно зголемено, особено во последниот случај, во кој е нападнат сопственикот на порталот „Доказ“. Ги повикуваме надлежните да ги откријат и да ги запрат насилниците, бидејќи во спротивно само ги охрабруваат и прашање на време е кога тие ќе посегнат по нечиј живот. Убедени сме дека овие напади се оркестрирани за да се заплашат и да се демотивираат новинарите да пишуваат критички за власта. Исто така, се сомневаме дека институциите кумуваат на овие насилства, бидејќи досега ниту еден од сторителите не е откриен и изведен пред лицето на правдата. Власта има обврска да создаде безбеден амбиент за работа на новинарите. Ги повикуваме претседателот на државата, Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, и премиерот Никола Груевски да ги спречат насилствата и да побараат откривање и итно казнување на насилниците – изјави претседателот на ЗНМ.

Како што рече Селмани, Здружението ќе испрати писма до организациите во кои членува Македонија, како ОН и ОБСЕ, како и до ЕУ и до Владата на САД, со кои ќе ги информира дека во Македонија се води политика на неказнување на насилството врз новинарите. А како што велат, не е исклучено да биде побаран и надзор од меѓународните организации за случаите што ги водат судовите и Обвинителството за нападите врз новинарите.

Одговарајќи на новинарско прашање, зошто смета дека нападите се оркестрирани, Селмани рече дека ниту еден од насилниците не е откриен и дека пред извесно време вицепремиер нападна новинар, а никој, па ниту премиерот, не побара одговорснот и оставка од него.

– Замислете каква порака се испраќа кога вицепремиер ќе нападне новинар – рече Селмани.