Македонија ЗНМ: Испраќањето погребен венец на новинарот Јованоски е кукавички чин

ЗНМ: Испраќањето погребен венец на новинарот Јованоски е кукавички чин

Здружението на новинарите на Македонија најостро ја осудува морбидната закана по живот на новинарот Борјан Јованоски и на неговото семејство. Испраќањето венец со порака „последен поздрав“ во домот на новинарот Јованоски е кукавички чин, вперен против сите новинари во Македонија, пишува во соопштението на ЗНМ.

„Силно се солидаризираме со Јовановски, а на испраќачите на ваквите закани им порачуваме дека новинарите во Македонија со вакви застрашувачки пораки нема да се одвратат од нивната мисија да ја информираат јавноста за реалноста во Македонија“, се вели во соопштението на здружението, во кое се додава и дека ЗНМ смета оти овој инцидент е последица на ширењето на говорот на омраза во медиумите, поттикната од однесувањето на политичките партии во Македонија.

Од ЗНМ ги повикаа сите надлежни институции да го расчистат овој случај, а Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да ги најдат и да ги казнат нарачателите и доставувачот на заканите.

Од ЗНМ потсетија дека досега ниеден од инцидентите каде новинарите се мета на насилство, попречување на нивната работа, вербални закани, говор на омраза и на притисоци нема судска разврска.

„Со ваквиот неодговорен однос на институциите, се поттикнуваат насилниците да продолжат да се закануваат на новинарите“, пишува во реакцијата.