Дописници Жителите од охридската населба Гоце Делчев во ризични услови за живот!

Жителите од охридската населба Гоце Делчев во ризични услови за живот!

Жителите од охридската населба Гоце Делчев се пожалија дека се оставени во ризични услови за живот. При секои врнежи од снег, особено како што се последните, проследени со многу ниска температура, жителите од оваа населбата, попозната како Бараки или населба ЕМО, се соочуваат со големи проблеми.

Населбата е изградена над Охрид, од југоисточната страна, на стрмен потпланински терен. Навистина лете оттаму се пружаат прекрасни визури кон градот и езерото, ама затоа зиме, понекогаш, е вистинска умешност да се стигне дотаму.

– Упатуваме апел до надлежните да се овозможат основни услови за движење во оваа охридска населба, односно ангажирање механизација за расчистување на патиштата од снегот и од мразот. Состојбата е алармантна. Со оглед на местоположбата и ниската температура, се создаде една ледена писта што го оневозможува движењето на граѓаните, што е крајно опасно и ризично за жителите, особено за тие од повисоките делови на населбата, кои се оневозможени да извршат набавка на основни продукти пред новогодишните празници – се наведува во дописот на жителите на населбата.

Тие додаваат дека надлежните треба да посветат поголемо внимание и во однос на инфраструктурата во населбата, електричното напојување, осветлувањето, како и честите прекини во водоснабдувањето.