Дописници Жителите од Мала Речица без пат и во страв од нови ерозивни...

Жителите од Мала Речица без пат и во страв од нови ерозивни процеси

Наносите од камења и од земја што се струполија во селото Мала Речица за време на поплавите во август годинава, сè уште не отстранети. Во невремето, реката која поминува низ селото го проголта и патот во горниот дел од ова населено место.

– Еве, како што гледате, немаме пат, живееме со купишта камења и земја, која сè уште ја има и во нашите дворови – вели жител на Мала Речица.

Жителите истакнаа дека неколкупати побарале од надлежните да го решат проблемот, но позитивен одговор не добиле.

Стравуваат од нови поплави, доколку не се исчисти и не се регулира реката.

– Коритото на реката постојано се одронува и ако заврне повеќе дожд, ќе надојде поголема вода, која неисчистеното корито не ќе може да ја прими. На крај водата со наносите ќе заврши во нашите домови и дворови – изјави еден жител.

Од Општина Тетово изјавија дека регулацијата на речното корито во Мала Речица зависи од акцискиот план за санација на штетите направени од невремето што се случи на 3 август годинава.

Планот кој предвидува и превентивни мерки против појава на нови ерозивни процеси е доставен на разгледување до Владата, која, според градските власти, се очекува да го усвои и да одвои пари за негова реализација, но за наредната буџетска година.