Свет Зголемен бројот на странски туристи на глобално ниво

Зголемен бројот на странски туристи на глобално ниво

Оваа година на глобално ниво се очекуваат повеќе 1,1 милијарда туристи да отпатуват надвор од границите на нивните земји, што преставува нов рекорд. Таквите очекувања ги потврдуваат и податоците на Светската туристичка организација (УНВТО), кои покажуваат дека за 10 месеци оваа година патувале 978 милиони туристи или 45 милиони повеќе отколку минатата година. Тоа е пораст на бројот на странските туристи во светот од 4,7 отсто во однос на истите 10 месеци од претходната година, а се очекува овој број да се зголемува сè до крајот на 2014 година, па така бројот на странските турсти ќе надимине 1,1 милијарда.

Светската туристичка организација исто така прогнозира дека порастот на туризмот на глобално ниво ќе продолжи и во 2015 година и дека ќе биде за три отсто поголем од оваа година.
Се очекува Европа до крајот на оваа година да биде најпосетувана дестинација, со речиси 50 отсто од вкупниот број на странски туристи. Најголем пораст на странски туристи, од седум отсто, се забележува во Северна Европа и на Јужен Медитеран, и тоа најмногу во Грција, Португалија, Шпанија и во Малта.

Нешто помалку, односно два отсто, е пораснат бројот на странски турсти во Западна Европа, додека во Средна и во Источна Европа бројот стагнира.
Најголем пораст на посета од странски турсти има во Северна и во Јужна Америка, со пораст од осум отсто, што според Светската туристичка организација е најдобар резултат за тој регион во последните 10 години.