Дописници Земјите погодени од бегалската криза посветено да работат на нејзино решавање

Земјите погодени од бегалската криза посветено да работат на нејзино решавање

Предизвиците и состојбите во земјава предизвикани од бегалската криза беа тема на 12. состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската унија, кој се одржа денеска во Охрид, во организација на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и на Министерството за локална самоуправа.

Градоначалникот на општина Гевгелија, Иван Франгов, истакна дека состојбата со бегалците е повеќе од сериозна со оглед на тоа дека на граничниот премин кај Гевгелија дневно има прилив од 2.500 до 6.000 бегалци, а не стигнува неопходната помош за справување со кризата.

– За неопходната помош, разговарано е со Европската делегација, со УНДП, УНХЦР, како и со други организации. Ние мораме да ги дуплираме нашите капацитети. Ако во Гевгелија месечно се подигнуваат  по 1.900 контејнери смет, имаме по 790 подигнувања контејнери месечно само од пунктот за бегалците. Имаме и дополнителни потреби од електрична енергија заради греење во зимскиот период. Ако во Гевгелија има 16.000 граѓани и дневно ви влезат од 8.000 до 10.000 бегалци, можете да замислите како се чувствуваат граѓаните на Гевгелија. Пунктот што успеавме да го отвориме заедно со Владата надвор до градот е олеснување за самите граѓани, но сè уште имаме еден дел од градот што е блокиран од автобуси  и од такси-возила каде се пречекуваат бегалци да ги превезат –  вели Франгов.

Жан-Франсоа Истас, копретседавач на Заедничкиот консултативен комитет, изјави дека сите земји што се погодени од бегалската криза треба посветено да работат на нејзино решавање.

– Изразуваме голема благодарност за Македонија за она што досега го направила за бегалците. Се обидуваме и ние да помогнеме колку што можеме затоа што тоа е и наша одговорност – рече Истас.