Ctrl - Z Започнува филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ – 450 млади од осум...

Започнува филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ – 450 млади од осум земји на едно место

Фестивалот ќе биде отворен вечерва (3 октомври) во 19 часот во киното „Милениум“, со проекција на италијанскиот филм „Последниот пат кога бевме деца“, во режија на комичарот Клаудио Бизио. Влезот е бесплатен, а настанот е отворен за широка публика

Фото: Џифони Македонија

Повеќе од 450 учесници од осум земји од вечерва ќе бидат дел од 12. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во Скопје. На добро познатите локации за џифонците – Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“ до 8 октомври ќе уживаат во филмската магија, ќе дискутираат, ќе креираат уметност, ќе учествуваат на креативни работилници.

Фестивалот ќе биде отворен вечерва (3 октомври) во 19 часот во киното „Милениум“, со проекција на италијанскиот филм „Последниот пат кога бевме деца“, во режија на комичарот Клаудио Бизио. Влезот е бесплатен, а настанот е отворен за широка публика.

Џифони Македонија: Филмот „Кога бевме Деца“

Во официјална конкуренција има петнаесет долгометражни филмови, но и 40-тина краткометражни и анимирани филмови кои се распределени во три натпреварувачки категории според возраста на учесниците, односно јуниори, кадети, и сениори.

Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе можат да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерот Коста Ѓорѓевиќ на филмот „Сонце мамино“, кој и пред неколку години учествуваше на фестивалот со неговиот прв филм. Ќе гостува режисерка од Ирска со свој краток филм, а меѓу џифонци ќе биде и македонскиот режисер Вардан Тозија, чиј филм „М“ ќе биде прикажан во официјалната програма на фестивалот.

„Фестивалот „Џифони Македонија“ секогаш се труди да прикажува најдобар избор на филмови за младата публика и што можно повеќе филмови за млади од регионот , па така оваа година покрај повеќето европски филмови, на фестивалот ќе има и играни филмови од Србија, Црна Гора и Косово, а кратките филмови се од целиот свет“, велат организаторите.

Работилниците се неизбежен дел од програмата на фестивалот. Годинава ќе се одржат осум креативни работилници што се реализираат со поддршка на Британскиот совет преку проектот Edu Cuts, RYCO (Канцеларијата за регионална младинска соработка) преку проектот Creative YEES и Институтот за комуникациски студии преку проектот „Младите размислуваат“. Менторите на работилниците се етаблирани режисери, уметници, музичари кои во тек на пет дена со младите учесници ќе работат на развивање на нивната креативност и имагинација.

Фестивалот ќе биде затворен на 8 октомври во кино „Милениум“ каде што ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории но најважно за учесниците е што ќе се прикажат сите филмови и ќе се изложат сите фотографии, сториборди и цртежи направени од учесниците за време на фестивалот.