Главна секција Започна свеченоста по повод јубилејот 80 години од Денот на народното востание...

Започна свеченоста по повод јубилејот 80 години од Денот на народното востание – 11 Октомври (Во живо)

Фото: Влада

Продолжуваат свеченостите по повод 11 Октомври – Денот на народното востание и во чест на 80 годишнината од овој настан. Денеска во Прилеп, делегации на државниот врв, на општествено-политичките организации, на Армијата, на борците, на дипломатскиот кор и на гостите од странство, ќе положат венци свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу, и на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец“ и на Могилата на непобедените.

Централната манифестација од која ќе има директен пренос почнува во 10.10 часот.

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски и претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп Круме Соколоски ќе се обратат на свечена празнична програма на Могилата на непобедените.

Во Скопје, чествувањето на празникот 11 Октомври – Ден на народното востание и на јубилејот 80 години од овој настан ќе започне во меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ во Бутел во 09:30 часот.

На свеченостите во Скопје свои обраќања ќе имаат потпретседателката на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 Елена Ј. Грујовска, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија Горан Мисовски.

Во градот херој Куманово, пред спомен костурницата во градот, венци свежо цвеќе ќе положат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Илхан Рахман.

Синоќа во Прилеп се одржа импровизираниот напад на Участакот, а имаше и свеченост на која се обрати премиерот Заев и претставници на Сојузот на Борците, на кои им беше доделена плакета, а и нему му беше врачена плакета од страна на Сојузот на Борците од Србија, за како што назначиле, грижата за вредностите и незаборавот од антифашистичката борба.