Хроника Запленети повеќе од 7.000 парчиња петарди во струшкото село Мороишта

Запленети повеќе од 7.000 парчиња петарди во струшкото село Мороишта

Инспектори од надворешната канцеларија за недозволена трговија со дрога и оружје Струга вчера извршиле контрола во продавница во селото Мороишта, Струшко каде пронашле 7.377 парчиња петарди, информира МВР.

Петардите се запленети, а сопственикот на продавницата „Лазароски компани“, В.Л. (55) бил приведен во полициската станица во Струга за натамошна постапка.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните за време на празниците да не употребуваат петарди и други пиротехнички средства. Оттаму велат дека нема да се толерира и најстрого ќе се казнува препродавањето и употребата на пиротехничките средства.

Според Законот за прекршоци, против јавниот ред и мир на лице кои неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните ќе му биде изречена глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност.