Македонија Загаденоста во Тетово вчера – 20 пати над дозволеното, во Лисиче –...

Загаденоста во Тетово вчера – 20 пати над дозволеното, во Лисиче – 17 пати

Утринава и изминатата ноќ, амбиенталниот воздух достигна рекордни нивоа на загаденост и екстремно високи нивоа на канцерогените честички ПМ10.

Во 8 часот утринава, многу високо ниво на ПМ10-честичките беше забележано во скопските населби Лисиче и Гази Баба, како и во Битола и во Тетово. Високо ниво на аерозагадување беше измерено во Центар, Миладиновци, Кичево, Кочани и во Велес. Мерната станица во Карпош моментално е надвор од употреба.

Вчера во вечерните часови нивото на концентрација на канцерогените ПМ10-честички во Тетово достигна рекодни 1.000 микрограми на еден кубен метар, што е 20 пати повеќе од дозволените 50 микрограми на еден кубен метар.

Многу висока загадност на воздухот вчера имаше и во Центар, каде во еден часот по полноќ беа измерени 677 микрограми. Во Карпош во 19 часот имало 500 микрограми, во Лисиче во 21 часот беа измерени 850 микрограми, а во Гази Баба – 446 микрограми на еден кубен метар. Во Битола вчера беа измерени 577 микрограми, а во Велес 390 микрограми на еден кубен метар.

Институтот за јавно здравје минатата недела апелираше што пократко да се престојува на отворен простор.

Оваа недела состанок треба да одржи интерсекторската група составена од претставници на Министерството за животна средина, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, еколошкиот и здравствениот инспекторат, Институтот за јавно здравје, Град Скопје и од преставници на Владата, на кој надлежните ќе разговараат за преземање мерки, меѓу кои можеби ќе биде и затворање на училиштата и на градинките.