Дописници Заев во Охрид: Власта се ниша од сите страни

Заев во Охрид: Власта се ниша од сите страни

„Подготвуваме сценарио кое што допрва ќе се случува и кое мора да води кон успех. Злото да го снема, ама да ги отвори патиштата кон иднината на оваа наша земја. Тоа е конечната цел кон која се стремиме. Ќе ги претставиме сите аргументи и докази, но и тогаш не можеме да ѝ наштетиме на Македонија, туку ќе ја отстраниме штетата. Денеска нема држава и државни институции, денеска сè е партија. Бомбардирањето го има во државава, но сè уште се нема случено експлозијата. Власта се ниша од сите страни.“

Со ваква интонација, синоќа на трибината: „Заедно од проблеми до решенија“ во Охрид, пред членството и пред симпатизерите на СДСМ и на опозицијата, се обрати лидерот Зоран Заев.

Заев уште еднаш ја потврди позицијата на опозицијата дека враќање на опозициските пратеници во парламентот ќе нема.

– Ние не водиме инает. Покажавме и доблест и големина и чувство за државата сите овие години наназад. Се враќавме во парламентот, преговаравме, дававме шанса заради државата. Преговаравме и за изборен законик, но тоа се злоупотреби на најдрзок и безобразен начин – рече Заев.

Државниот грб, смета Заев, е актуелна тема за да се одвлече единствено народот од секојдневните проблеми.

– Во ова време на голема криза, државниот грб е последната работа за која треба да се дебатира. Ај што го украдоа историското ВМРО и имаат лав на нивните партиски книшки, сега сакаат да го стават на пасошите и на другите лични документи. Тоа го прават толку перфидно и со зла мисла. Симболот којшто е на круната, кој одбележува своевиден бедем со пет кули, има цел да каже дека државата – тоа сме ние. Петте кули го одбележуваат злосторничкото здружување на пет организации кои денеска ја доведоа Македонија на ова дереџе, партијата на власт, државата, судството, полицијата и медиумите. Со тоа кажуваат дека се бедем, а ние бомбата токму под тој бедем ќе ја ставиме – обвини Заев.

Образованието е уништено системски во изминатите осум и пол години. Затоа премиерот Груевски не може да попушти пред студентите, на кои им даде поддршка. Заев најави, кога СДСМ ќе биде власт, ќе го укине екстерното тестирање во основните и во средните училишта и на факултетите, ќе ја врати средната класа и ќе воведе правично оданочувaње.

– Токму тие за кои ја градиме државата, се охрабрија и ја покажаа својата авангардност. Се одважија и се појавија на улиците да ја испратат пораката. На Груевски, пак, опозицијата, СДСМ му е виновен. Порано беше Бранко, сега Заев е виновен. Девет години е премиер и четири години е министер во Влада. Тоа се 13 години од вкупно 23 години самостојна Македонија во кои тој ја води државата и денеска сè уште Заев е виновен, СДСМ е виновен, постојано кај нас е вината – им се обрати Заев на охриѓани.

Заев обвини дека изборите во 2013 и во 2014 година биле апсолутно криминални.

– Тоа не беше пораз, туку кражба. Кога ќе ги обелодениме доказите, ќе видите дека вие сте победници. Но, кога ќе слушне Бакрачески како во 2013 година станал градоначалник и како победил, не знам како ќе достои на својата позиција – рече Заев.

За поранешниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески, Заев рече дека бил осуден од јавноста, со начинот на неговото приведување.

– Не сакам да тврдам дали има кривично дело или не. Јас сакам да реагирам на притворот како мерка. Една и пол година чекаа за му изречат мерка притвор, за да го апсат него и неговите соработници. Зошто? Вработувал привремено пред избори. Има три, четири, пет илјади привремено вработени кои не одат на работа. До ден-денеска, пред сите избори тоа го прави власта – обвини лидерот на СДСМ и на опозицијата Зоран Заев, од трибината во Охрид.