Македонија Заев се сретна со поранешниот амбасадор на ЕУ, Фуере

Заев се сретна со поранешниот амбасадор на ЕУ, Фуере

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и заменик-претседателката, Радмила Шекеринска, денеска на средбата со поранешниот амбасадор на ЕУ во Република Македонија, Ерван Фуере, размениле мислења за актуелната состојба во земјава и за можностите за наоѓање решение за длабоката политичка криза.

Претседателот Заев го информирал Фуере за процесот на разговори што се водат со посредство на Европската унија и за обидот да почнат политички преговори во интерес на Македонија.

– Оставки и формирање преодна влада се единственото решение за излез од политичката криза. Влада која ќе има цел да ја врати државата на граѓаните преку демократизација, ослободување на институциите и обезбедување услови за организирање слободни, фер и демократски избори, на кои граѓаните без страв и без притисоци ќе можат да ја искажат својата слободна волја – посочил Заев.

Претседателот на СДСМ и поранешниот евроамбасадор се согласиле дека враќањето на слободата и на демократијата во Република Македонија ќе ја отвори можноста за враќање на европските вредности и на европската перспектива на земјава.