Македонија Заев се сретна со амбасадорот на Италија, Масимо Белели

Заев се сретна со амбасадорот на Италија, Масимо Белели

Зоран Заев, придружуван од Лидија Димова, денеска се сретна со директорот за Западен Балкан и Централно-европската иницијатива во ЕУ при Министерството за надворешни работи на Италија, Андреа Орицио, придружуван од амбасадорот на Италија во Македонија, Масимо Белели.

Како што соопштија од СДСМ, тема на разговорот била актуелната политичка криза во земјава и шансите низ дијалог да се дојде до решение.

Заев ги информирал италијанските дипломати за разговорите во Стразбур, кои се обид за воспоставување рамка за можен дијалог.

„Масовниот мирен протест на 17 мај и големата поддршка на мирните протести пред Владата, кои имаат натпартиска, граѓанска, мултикултурна димензија, ја испраќаат пораката дека решението за оваа криза е преодна влада и заминување на Никола Груевски. Тоа ќе создаде услови за фер и слободни избори и ќе ги отвори перспективите на Македонија“, рекол Заев.

На средбата се зборувало и за исполнување на европските стандарди во критичните области, како што се демократијата и владеењето на правото, важни за понатамошната европерспектива на Македонија.