Македонија Заев: СДСМ ќе обезбеди почитување на новинарската професија

Заев: СДСМ ќе обезбеди почитување на новинарската професија

„Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не сакаат слободни медиуми. Контролирани и зависни медиуми за контролирани граѓани, тоа е целта на Никола Груевски. Затоа лагите на провладините медиуми се платени со милиони евра, пари на граѓаните“, изјави на денешната прес-конференција во Струмица, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

– Стравот кај Никола Груевски и кај ВМРО-ДПМНЕ е стравот од вистината за катастрофалната реалност, што ќе ја дознаат граѓаните. На секој граѓанин му е јасно дека без регулација на медиумите и без прочистен избирачки список, нема да има фер и демократски избори. Слободни и независни медиуми се клучна цел на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Затоа, со промена на власта СДСМ ќе им гарантира на новинарите слобода да истражуваат и да информираат за сите случувања во државата, заштитени од притисоци – рече Заев.

Тој нагласи дека СДСМ ќе обезбеди почитување на новинарската професија и слобода за изнесување на различни ставови.

– Одговорен уредник на медиумите во државата нема да бидат владата и владејачките партии. Радиодифузерите ќе добијат еднаков третман во насока на развивање на здрава конкуренција меѓу медиумските куќи. МРТВ, ослободена од политички и од други влијанија, ќе ја остварува улогата на вистински јавен сервис, целосно независен, непристраен и професионален, како силен идентитетски столб. Ќе ја укинеме радиодифузната такса што ја плаќаат граѓаните. Регулаторните тела, како Агенцијата за медиуми (АВМУ), ќе бидат независни, транспарантни и професионални во својата работа. Ќе ги вратиме јавните дебати како суштина на демократијата. Носителите на власта ќе имаат обврска редовно да се појавуваат на јавни дебати и на соочувања со опозицијата во медиумите. На тој начин ќе создадеме медиумски простор за непристрасно и за објективно информирање на граѓаните – изјави Заев.