Македонија Заев: Постигнатиот договор е нов почеток за Македонија

Заев: Постигнатиот договор е нов почеток за Македонија

„Вечерва победи Македонија, ова вечерва е нов почеток за Македонија и за сите нејзини граѓани. Постигнат е договор кој утре треба да биде само правно, легално формализиран“, рече вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пред Клубот на пратеници.

Заев соопшти дека е постигнат договор за законот за влада во којшто се дефинираат надлежностите на замениците-министри, за законот за „свиркачите“ и за законот за заштита на приватноста, кој ќе стапи на сила веднаш, а ќе се применува по шест месеци, период дозволен за да се изјасни Венецијанската комисија за самиот закон. Освен за законите, Заев соопшти дека, исто така, постигнат е договор и за Изборниот законик и договор којшто треба да биде преточен во одлука на Собранието за анкетната комисија.

– Сето ова утре треба само уште еднаш на работните групи да биде разгледано, поради техничките аспекти и веднаш штом ќе биде подготвено, да биде испратено во Собранието, за парламентарците да го дискутираат и, секако, се надевам да го донесат. Истовремено, вечерва ја исполнив и обврската во согласност со Договорот, да го предложам кадровското решение за министер за внатрешни работи, за кој барав согласност од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ. Согласноста ја добивме. Нов министер за внатрешни работи ќе биде Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ – рече Заев.

Лидерот на СДСМ додаде дека сите кадровски решенија се условени затоа што органите и телата на СДСМ треба да ги донесат одлуките, а финалната одлука ќе ја има централниот одбор на СДСМ.

– Министерка за труд и социјална политика ќе биде Фросина Ременски. Заменик-министер за финансии ќе биде Кире Наумов. Заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде Љупче Николовски, заменик-министер за информатичко општество и адиминистрација ќе биде Александар Кирацовски. Секако, доколку централниот одбор на СДСМ ги потврди овие имиња, а се надевам дека ќе добијат поддршка и од нашите коалициски партнери што ги застапувавме заедно, покрај нашата партија – рече Заев.