Главна секција Заев: Посетата на папата е признание за нашето место во заедницата на...

Заев: Посетата на папата е признание за нашето место во заедницата на прогресивните земји

Нашата убава земја денеска е уште еднаш во фокусот на светското внимание, рече премиерот Зоран Заев по повод апостолската посета на папата Франциск.

– Посетата на неговата светост, првиот човек на Католичката црква и на ватиканската држава, папата Франциск, како прва, историска посета на еден папа на нашата земја, е огромно признание за местото што Република Северна Македонија го зазеде во глобалната заедница на прогресивните земји. Неговата посета е израз на созреано време да се оддаде признание за историските врски од раните векови на христијанството кога папата Адријан втори ги благословил и осветил богослужбените книги на светите браќа Кирил и Методиј со кои подоцна е извршена христијанизацијата на словенските народи во Европа – рече Заев на прес-конференција која се одржа по завршувањето на мисата на плоштадот „Македонија“.

Тој додаде дека Ватикан, Европа, и целиот свет, ги препознале вредностите, убавината на различните култури, етнички заедници и религии што живеат во општество еднакво за сите.

– Светата литургијата со која папата Франциск ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја, е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја кое го негуваме.Тоа е силен поттик и поддршка за сите нас. Тоа е порака што до светот денеска беше пренесена од стотиците новинарски и телевизиски екипи што на овој историски ден беа во Северна Македонија – рече Заев.