Македонија Заев од Аеродром: Груевски е единствен во земјава кој мисли на...

Заев од Аеродром: Груевски е единствен во земјава кој мисли на федерализација

Груевски ја измисли федерализацијата и тој е единствениот во земјава кој мисли на федерализацијата, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на вечерашниот митинг во општина Аеродром.

– Груевски ја измисли федерализацијата. Груевски е единствен во државата кој мисли на федерализација, тој и никој друг. Да бидеме на чисто: нема да дозволам никој да го смени Уставот на Република Македонија. Нашиот Устав гарантира мултиетичност, тој е либерален и европски устав. Федерализацијата е во главата само на неонационалистите. Ви ветувам дека Македонија ќе биде едно општество за сите, дом за сите, правично општество во кое ќе има правда за сите – рече Заев.

Заев и на вечерашниот митинг го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на телевизиски дуел и вети дека дека парите што завршиле во странство ќе се вратат дома, а дека на Порта „Македонија“ ќе постават бројчаник што ќе покажува колку пари се вратени на граѓаните.

Претходно, СДСМ и коалицијата одржаа митинг во скопската населба Кисела Вода, од каде лидерот Заев се обрати до неопределените гласачи и ги повика да гласаат.

– Разбудено е Скопје, водиме со двоцифрена разлика. Повеќе од 32 проценти сè уште молчат, не се изјаснуваат. Знаете, оваа Македонија не ни припаѓа само нам. Македонија е на сите еднакво. Ова е наша заедничка татковина, немаме друга. Сега, при очи ќе се правиме слепи, при уши глуви, при уста ќе молчиме?! Пенкалото на животот на вашите деца, пенкалото на вашиот живот е во ваши раце – рече Заев.