Македонија Заев и премиерите на Албанија, БИХ и на Црна Гора денеска ќе...

Заев и премиерите на Албанија, БИХ и на Црна Гора денеска ќе дискутираат на „Самит 100“

Премиерот Зоран Заев, заедно со премиерите од Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Душко Марковиќ, и со претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, денеска ќе учествува на панел-дебатата „Дали регионот може да се натпреварува на глобалниот пазар?“ на „Самит 100“ за бизнис-лидери од Југоисточна Европа, кој вчера и денеска се одржува во Скопје.

Премиерите ќе дебатираат за енергијата, за економиите засновани на знаење, за брендирањето, за дигиталната економија и за стратегиите за поврзување на регионот и за заеднички иницијативи во областа на туризмот.

Специјална гостинка на „Самит 100“ вчера беше еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц, која порача дека регионот треба да се однесува како да е влезен во Европската Унија, бидејќи одредени теми, како што е загадувањето, ги засегаат сите граѓани.

Таа порача дека инфраструктурната поврзаност е многу важна за земјите од Западен Балкан и упати апел за поголема искористеност на фондовите од ЕУ наменети за тоа.

Главна тема на „Самит 100“ е електрификација на регионот во рамките на проектот „Едисон“. Во таа насока, Скопје вчера беше промовиран како „е-град“, односно го доби првиот електричен полнач кој се наоѓа во хотел „Парк“.