Македонија За една недела нови 44 случаи на пертусис, најбројни се деца од...

За една недела нови 44 случаи на пертусис, најбројни се деца од 10 до 14 години

Двајца пациенти од новопријавените се хоспитализирани. Со последната евиденција, вкупниот број на случаи во Македонија е 443

Фото: Рената Копел (Renate Köppel) на Пиксабеј (Pixabay)

Во период од една недела, пријавени се 44 нови случаи на голема кашлица, стои во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Најголем број од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје, а пријавени се случаи и во Битола  Куманово, Кратово и во Крива Паланка.

Возраста на заболените се движи од 1 месец до 75 години, а најголем број на случаи се од возрасната група 10-14 години. Двајца пациенти од новопријавените се хоспитализирани. Со последната евиденција, вкупниот број на случаи во Македонија е 443.

Од вкупниот број на регистрирани случаи, 263 не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од вкупниот број заболени, хоспитализирани биле 60 лица, од кои 49 на возраст до 4 години.

Од доставените податоци од Центрите за јавно здравје, пронајдени се 8.338 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 4.651 (55,8%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле I-ва ревакцина (2.381; 51,2%).

Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 12.983 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (6.529; 50,3 отсто) од вакцинираните примиле прва, втора и трета доза на примовакцинација. Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) во периодот од 18.01-11.04.2024 изнесува 17.634.

Од 18.01-11.04.2024, дадени се вкупно 39.031 дози на вакцина која содржи компонента против голема кашлица.